Земјоделство

Доцни жетвата на оризот во кочанско

03.11.2021 12:16

Сеидба на оризот во кочанско доцнеше заради пролената суша. Жетвата сега доцни заради обилните врнежи кои се неповолни за квалитетот на родот. Не е целосно откупен минатогодишниот род, земјоделците се надеваат на подобра откупна цена...

Последните врнежи ги пролонгираа жетвените активности на оризовите полиња во кочанско, околу половина од површините не се ожнеани, комбајните тешко работат, а заради обилните врнежи, квалитетот на собраниот род е далеку под просекот, велат оризопроизводителите. Оние кои го прибрале родот на откуп носат мали количини колку да покријат некој трошок, а поголемиот дел го чуваат во амбарите и чекаат подобра откупна цена.

Откупната цена на оризовата арпа се движи од 17 до 20 денари, но заради штетата која дождовите ја направија на квалитетот на родот, тешко се постигнува цена од 20 денари. Најавените дополнителни три денари субвенција за килограм откупена арпа, која премиерот Заев ја вети во предизборната кампања, ако ја добиеме само ќе ја ублажат загубата, велат оризопроизводителите.

Доколку нема нови врнежи жетвата во кочанско поле треба да заврши во втората половина од ноември. Оризот годинава е застапен на околу три илјади хектари. Се очекува вкупно производство на оризова арпа од 20.000 тони, од кои 2.500 тони кај земјоделските претпријатија и 17.500 тони оризова арпа кај индивидуалните земјоделски производители.

 

Славица Величковска