Децата од 5 до 11 години ќе се вакцинираат со третина доза „Фајзер“
Американскиот центар за превенција на болести препорача со третина од доза на „Фајзер“ да се вакцинираат деца од 5 до 11 години. Расте бројот на инфицирани со ковид во регионот. Следните две недели ќе бидат критични, велат бугарските здравствени власти. Критично е и во Србија...

Вакцинирање деца на возраст од 5 до 11 години со „Фајзер“- едногласно препроачаа советниците од Американскиот центар за контрола и превенција на болести.
„Имаме вкупно 14 „да“ и нула „не“. Предлогот поминува! Привремената препорака, сега е препорака од советодавниот комитет за практики на имунизација“, изјави д-р Грејс Ли, претседател на комисијата.
Со оваа одлука сите 28 милиони деца во САД ќе имаат право да ја примат вакцината. Ќе се дава во две дози, но во помали микрограми по инекција, односно една третина од износот што им се дава на тинејџерите и возрасните. Со нивно имунизирање ќе се спречи новиот бран во пресрет на студените денови. Иако САД бележи намалување на случаите во изминативе денови, вирусот постојано ја покажува својата способност да се врати како нова закана во полесно пренослива мутација.
За разлика од прекуокеанската земја, ситуацијата во регионот е поинаква. Бугарија регистрира драматичен број на новоинфицирани и смртни случаи со ковид. Следните две недели ќе бидат критични- велат здравствените власти. Повикаа на национална мобилизација за вакцинација.
„Се соочуваме со огромна закана и тоа бара заедничка акција. Повикуваме на соработка и национална мобилизација за вакцинација“, изјави Стојчо Кацаров, привремен министер за здравство во Бугарија.
„Мојата порака е до сите луѓе кои се двоумат- вакцинирајте се за да не мора да дознаете на потешкиот начин дека не постои заговор“, изјави Станимир Хасарџиев, доктор од Националната организација на пациенти.
Бугарија регистрира трагични бројки за бројот на смртни случаи од почетокот на пандемијата, 94 насто од нив не биле вакцинирани.
Во текот на изминативе два месеца и Романија се соочува со брзиот раст на инфекции со Ковид-19. И таму, само 37 насто од возрасните се целосно имунизирани, за разлика од просекот во ЕУ кој е 75%, што ја прави втора најмалку вакцинирана земја во Уунијата пред Бугарија.
За да го спречи порастот на нови случаи, Холандија, повторно ги заострува мерките.
„Од оваа сабота, добро познатиот qr-код го прошируваме, освен во затворени локации ќе се бара и за надворешните тераси, музеи и саеми“, изјави Марк Руте, премиер на Холандија.
„Мислам дека сите дозволивме да дојде до ова.“
„Излегува дека тоа не функционира. Значи, очигледно треба да стане построго.“
„Мислам дека тоа е глупост. Ние сме на отворено. Не разбирам зошто треба да се вакцинирате кога сте на отворено“, велат граѓаните
Високиот број на нови инфекции со корона ја поттикна дебатата за засилени вакцини за населението и во Германија. Здравствените власти препорачуваат итна трета доза за луѓето со слаб имунолошки системи, како и оние постари од 70 години.
Бојана Крстевски
