Ковид-19

16- годишна девојка почина на Инфективната клиника

03.11.2021 14:15

Според медицинскиот извештај, станува збор за исклучително тежок случај, кислородно зависна со тешка ковид пневмонија. Во текот на хоспиталниот престој од анализите е потврдена и белодробна тромбемболија...

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина 16- годишна пациентка од село Сиричино тетовско, информираат од Министерството за здравство.

Пациентката со многу тешка клиничка слика со возило на Итна помош е донесена на Инфективна клиника, од тетовската болница каде била од 21.10 до 23.10, а претходно била лекувана во домашни услови заради тегоби кои датирале девет дена од иницијалниот прием во тетовската болница.

Според медицинскиот извештај, станува збор за исклучително тежок случај, кислородно зависна со тешка ковид пневмонија. Во текот на хоспиталниот престој од анализите е потврдена и белодробна тромбемболија.

Во текот на лекувањето доаѓа до брзо прогресивно влошување на респираторната функција. Пациентката е мултидисциплинарно лекувана поради развиените компликации.

Во текот на вчерашниот ден дојде до драматично влошување на виталните параметри што доведе до срцево белодробно попуштање. Младата пациентка не била вакцинирана.