Повредени правата на лицата со попреченост
Непристапни гласачки места, недостиг на сликовити прикази за гласање, граничници и шаблони за слепи лица, но и непоставени паравани за гласање за лица со попреченост, регистирало здружението „Инклузива“. Но велат овој пат радува што политичките партии на советничките листи, најдоа простор и за лицата со попреченост.

Здружението „Инклузива“ од Куманово регистрирало нерегуларности, но и попречување и оневозможување на гласачкото право на лицата со попреченост на локалните избори. Најголем дел од пријавите коишто пристигнале кај нив се однесуваат за проблеми со непристапни гласачки места, забелешки за параваните за гласање, како и недостиг на сликовитите прикази, граничници и шаблонот за гласање за слепи лица.
„Во вториот круг недостасуваа повторно граничниците што треба да се користат за сите гласачи за да нема грешки во избирачкиот список, која е причината се уште не знаеме, дали не се подготвени или доставени до избирачките одбори. Имавме пријава од Куманово од лице со целосно оштетен вид каде што не му бил даде шаблонот да гласа самостојно, туку повторно морал да гласа со својот придружник, при што му е нарушена тајноста на гласање“, вели Благица Димитровска, претседател Здружение „Инклузива“- Куманово.
Од „Инклузива“ реагираат и што по измените на изборниот законик, правото на глас и овој пат не го оствариле лица згрижени во установи за вонсемејна грижа. Можност да го остварат правото добиле само корисниците на домовите за стари лица. Но, велат радува што овој пат кампањите и програмите на политичките партии, биле пристапни и за сите граѓани. На листите за советници се нашле седум лица со попреченост, а од дури тројца од нив се носители.
„Нашите препораки понатаму ќе бидат за непристапноста, која повторно е над 70 проценти на гласачките места, да се подобри пристапноста на објектите, јавни објекти, но и советите на општините. Како тие луѓе што влегоа на советнички листи ќе работат еднакво со останатите ако немаат пристап“, дополни Димитровска.
Од „Инклузива“ посочуваат дека на овие локални избори и страницата на Државната изборна комисија била пристапна за сите граѓани.
Елена Георгиевска
