Европската недела на претприемништвото одбележана во Битола
Битолскиот младински културен центар по 11-ти пат организираше јавна трибина на тема „Можностите за поддршка и развој на бизнисите кај малите и средни претпријатија“. Успешните бизнис приказни само напоменуваат дека да се биде успешен може и во својата земја, доколку се има цврста воља, визија на претприемнички дух...

Парите се важни, но не и пресудни. Многу побитни се идејата, визијата на менаџерскиот дух, и одлучноста за да се успее да се отвори свој бизнис кој ќе опстојува и ќе се надоградува. Ова се главните пораки до идните претприемачи од оние кои пред неколку години го изодиле трнливиот пат до успехот.
Ана Ристевска веќе четири години со својата ИТ компанија успешно опстојува на домашниот и интернационалниот пазар. Нејзините совети се младите многу повеќе да пребаруваат по можностите што ги даваат некои фондови, и бизнисот да се лоцира на точната потреба на пазарот.
Нејзината сограѓанка Биљана е една од трите жени на Балканот која развила најсофистицирана дигитализирана заботехничка лабараторија. Според неа, вербата во себе, знаењето и дисциплината е она што треба да ве доведе до поставената цел.
Претходните десет трибини дадоа резултати, велат организаторите. Очекуваат тој тренд да продолжи.
Инаку, Битола е еден од тристата градови во Европа која единаесета година со јавни дебати е дел од одбележувањето на Европската недела на претприемништвото.
Стевче Митревски
