Политика

ВМРО-ДПМНЕ бара избори, СДСМ не се согласува

03.11.2021 16:11

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски бара брзи предвремени парламентарни избори. Вели дека така ќе се обезбеди цврста и стабилна влада што ќе се соочи со предизвиците. Од Алијанса став- не може да има слободни избори со ДУИ на власт. СДСМ не се согласува со опозицијата. Велат, парламентарното мнозинство е стабилно...

„Веднаш оставка и брзи избори за да се спасат граѓаните од понатамошното тонење, криминал и корупција, но и од кризите коишто ни претстојат на енергетски, економски, здравствен план и на полето на интеграциите“, побара претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според него, само преку брзи предвремени парламентарни избори може да се обезбеди цврста и стабилна влада, а не и преку формирање ново парламентарно мнозинство, кое како што вели Мицкоски, нема да даде нова енергија потребна за реформите.

Изборите се светлото од крајот на тунелот и патот на промените кои само тогаш ќе бидат целосни. Брзите избори ќе треба да обезбедат Влада која ќе спроведува политики, која ќе решава проблеми и ќе ја донесат новата иднина во која веруваме и за која се бориме“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски рече дека партијата е подготвена веднаш да оди на предвремени избори, откако ДИК ќе даде зелено светло дека е подготвена да ги спроведе, согласно со Пржинскиот договор за техничка Влада. Тој во контекст на тоа што се случуваше деновиве во неколку општини, изјави дека Преспанскиот договор е реалност, иако не им се допаѓа.

Од Социјалдемократскиот сојуз со реакција - СДСМ и владината коалицијата освоија повеќе гласови за советници од опозицијата. Парламентарното мнозинство, за да не ја стави земјава во ризик, нема да гласа за брзи предвремени избори велат во СДСМ.

Уште еднаш се потврди дека најавите за ново мнозинство од Христијан Мицкоски се нереални и нечесни кон граѓаните. Денеска тие паднаа во вода. Христијан Мицкоски не може да направи парламентарно мнозинство бидејќи има опасни планови за државата, се вели во партиското соопштение.

СДСМ и коалицијата, се вели во соопштението, нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да го поништат Договорот од Преспа.

Во партијата на Села, пак, оценуваат- не може да има слободни парламентарни избори додека ДУИ е на власт. Тие обвинуваат за изборни нерегуларности.

Не можеме да зборуваме за демократија кога целата држава е ставена во служба на владејачките партии, граѓаните се загрозени и уценувани, додека гласовите се купуваат и крадат“, велат од Алијанса за Албанците.

Од Владата претходно информираа дека премиерот Заев нема да ја одолговлекува постапката со поднесената оставка и тоа ќе се случи веднаш откако во владеачката коалиција ќе се усогласат предлозите за идниот мандатар.

 

Марина Стојанова- Тонева