Енергетика

Девет компании доставиле понуди за јаглен за РЕК Битола, ги исполнуваат бараните количини

03.11.2021 15:45

Девет компании доставија понуди за набавка на јаглен за дополнително производство на електрична енергија. Понудите ги исполнуваат бараните 900 илјади тони јаглен, велат од ЕСМ. Владата веќе донела уредба со критериуми и услови за кризна енергетска состојба. Од економија велат дека истата е во функција на усогласување со Законот за енергетика...

Девет компании се јавија на повторениот повик за набавка на јаглен за третиот блок на РЕК Битола за дополнително производство на електрична енергија наменето за стопанството и за државните институции. Овие понуди ги исполнуваат бараните количини од 900 илјади тони јаглен. Се јавиле домашни компании кои нудат јаглен од два домашни рудници, како и фирми од: Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и Турција.

Тендерската комисија ќе прави техничка евалуација, дали понудениот јаглен ги задоволува минималните техничките барања, по што ќе се прави економско-финансиска евалуација на понудите.

За првиот повик за набавка на јаглен за ТЕЦ Осломеј се очекува во понеделник да се официјализира изборот на понудувачот на 300 илјади тони јаглен и да се потпише договор, по што веднаш ќе започне испораката со динамика предвидена во договорот, велат од ЕСМ. Државната енергетска компанија информира дека се во постојана комуникација со Владата и со ТЕЦ Неготино, со цел стартување на термоелектраната, доколку за тоа има потреба.

Во врска со проблемите со снабдувањето со електрична енергија во земјава и незивесноста за покривањето на потребите на домаќинствата, компаниите и институциите, Владата во саботата донела Уредба за критериуми и услови за прогласување кризна енергетска состојба. Со тоа, според експертите, е создадена правна рамка во случај на потреба да може да се прогласи енергетска криза и да се воведат рестрикции во снабдувањето на потрошувачите.

Во тој случај, операторите на системите за пренос и за дистрибуција, МЕПСО и ЕВН, ќе можат да утврдат кои се приоритетните категории на потрошувачи на струја за да се овозможи нивно снабдување со струја. Од ресорот за економија појаснуваат дека претходната уредба била од 2012-та и новата има за цел усогласување со одредбите на Законот за енергетика, со кој пазарот за електрична енергија е целосно отворен и има повеќе учесници.

Од економија велат дека будно се следи состојбата во елетроенергетскиот сектор и нагласуваат дека до крајот на годината нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата.

Свето Николовски