Регионална соработка

Димитров во Белград на „Отворен Балкан“, фокусот на дигиталната трансформација за регионална интеграција

04.11.2021 09:54

Вицепремиерот Димитров вели дека регионалната соработка има исклучителна важност за остварување на заедничките стратегиски определби на кои владата е посветена, без оглед на политичката ситуација.

Во Белград нова средба во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, на која учествуваат српскиот претседател Вучиќ, албанскиот премиер Рама и македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Димитров.

На последната средба во Скопје во јули, беше ставен потпис на договори за слободен проток на стоки, укинување на работните дозволи и соработка за заштита од природни катастрофи. Целта е од 2023-та практично да се укинат границите меѓу трите држави.

Вицепремиерот Димитров вели дека регионалната соработка има исклучителна важност за остварување на заедничките стратегиски определби на кои владата е посветена, без оглед на политичката ситуација.

„Доаѓам со порака дека регионалната соработка е апсолутно европска приказна, дека сакаме да продолжиме да ја продлабочуваме. Додаваме еден важен сегмент утре – како дигитализацијата може да ни помогне за да ја забрзаме и продлабочиме регионалната соработка“, изјави вчера Димитров при пристигнувањето во Белград.

Доаѓам во момент, додаде Димитров, кога како што знаете, во нашата земја завршија локални избори, има извесни политички предизвици, а и политичка криза на некој начин. Важно е да дадеме сигнал дека како Влада, како држава, сме целосно посветени на оваа иницијатива што се роди на Балканот и чија што цел првенствено е европски Балкан, истакна Димитров.

Предвидени се лидерски средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, како и со претставници на компаниите од трите земји кои учествуваат во оваа платформа за унапредување на регионалната соработка во контекст на европската интеграција.