Скопје

Состанок на министрите за одбрана на земјите од ЈИЕ

04.11.2021 13:01

Во Скопје, состанок на министрите за одбрана на земјите од Југоисточна Европа. Разговарано за клучните безбедносни предизвици со кои се соочуваат земјите од СЕДМ. Потпишана и заедничка изјава со која се трасира правецот на идниот развој и функционирањето на регионалната иницијатива...

Министрите за одбрана од регионот на состанокот на СЕДМ процесот во Скопје расправаа како да се надминат актуелните предизвици, зајакнување на регионалната безбедност и стабилност, заемното разбирање, воено-политичката соработка, давање поддршка за интеграцијата во Европската унија на земјите од Југоисточна Европа.

„Пандемијата и климатските промени кои резултираа во природни катастрофи, како што беа пожарите и поплавите ја одбележаа и последната година. Лажните вести и дезинформациите продолжија да го оптоваруваат целиот наш регион. Мигрантската рута што се протега точно низ нашето соседство и низ нашите држави останува постојана закана, како и хибридните и сајбер заканите. Ниту едно од овие прашања што ги набројав нема да се реши само од себе“, изјави министерката Шекеринска.

Актуелниот претседавач со СЕДМ процесот, Бугарија смета дека членките треба да формираат посилна соработка во справувањето со пандемијата.

„Треба да работиме уште повеќе во овие тешки моменти на Ковид-19 со цел да изградиме едно посилно заедништво помеѓу земјите од Југоисточна Европа за наша иднина. Покрај тоа што пандемијата сѐ уште не е завршена, може да утврдиме и увидиме дека војската претставува клучен елемент во борбата против пандемијата“, изјави Пламен Христов Јорданов, заменик министер за одбрана на Бугарија. 

Министрите за одбрана согласни дека Бригадата на Југоисточна Европа СЕЕБРИГ треба да продолжи да дава придонес за регионалната и светската безбедност и стабилност, во соработка со меѓународните организации.

 

Ирина Гелевска