Зголемен бројот на хоспитализирани ковид-пациенти во Битола
Ако до пред два дена можеше да се каже дека во регионалниот ковид центар состојбата е порелаксирана, деновиве се дуплира бројот на новохоспитализирани. Најголем е притисокот врз ковид амбулантата, каде за едно деноноќие се вршат и до 80 прегледи, а како пациенти се повеќе се јавуваат тинејџерите.

И во овој бран се повторува непишаното правило Битола пикот да го доживува меѓу последните општини. Од пред десетина дена, веќе сме во алармна фаза. Секојдневно се зголемува бројот на пациенти коишто се ковид позитивни и се хоспитализираат, велат инфектолозите.
Најмладиот е на 15, а највозрасниот на 90-годишна возраст. Поголем дел од пациентите се на перманентна кислородна поддршка. Околу 70 проценти се невакцинирани, каде што бележиме тешка клиничка слика, вели началничката Димитровска.
Таа очекува тенденцијата на нови хоспитализации да продолжи. Сепак, засега најголем вели, е притисокот врз инфективната амбуланта. Дневно се вршат од 60 до 80 прегледи, а тинејџерите ги има во сè поголем број.
Ова се должи на преголемото опуштање, групирање и стагнација на масовната имунизација. За да не ни претстои тешка ковид зима, да се применуваат заштитните мерки, а невакцинираите што поскоро да ги посетат вакциналните пунктови, апелира началничката на битолскиот ковид-центар.
Стевче Митревски
