Мировниците во БиХ уште една година
Советот за безбедност на Обединетите нации го продолжи мандатот на ЕУФОР во Босна и Херцеговина за уште една година. Командантот на мировниците тврди- нема воена закана...

Советот за безбедност на ОН едногласно усвои резолуција за продолжување на мандатот на ЕУФОР во Босна и Херцеговина на уште една година. На барање на Русија, специјалниот претставник Кристијан Шмит не одржа говор за состојбата во федерацијата, но се водеше расправа за неговиот писмен извештај во кој предупреди за размерите на политичката криза и постапките на лидерот на босанските Срби Милорад Додик. Според Шмит, а и САД, плановите за повлекување на српските трупи од босанската армија и создавање посебна српска сила ќе бидат дестабилизирачки фактор за федерацијата.
„БиХ се соочува со најголемата закана во повоениот период. Постојаните сериозни закани за основната рамка на мировинот договор од страна на Република Српска преводена од најголемата партија „Сојузот на независните социјалдеократи“ на чело со Додик, ги става во опасност и мирот и стабилноста на земјата и регионот“, изјави Свен Алкалај, смбасадор на БиХ во ОН.
„Канцеларијата на високиот претставник е основа за стабилноста на земјата. Високиот претставник Шмит ја има нашата најголема поддршка како највисок авторитет задолжен за спроведување на цивилните аспекти од Дејтонскиот договор. Тоа ќе биде така додека не се реализира агендата Пет плус два“, изјави Линда Томас Гринфилд, амбасадорка на САД во ОН.
Русија смета дека токму ОХР го поткопува Дејтонскиот договор и долго време го поддржуваше барањето на Република Српска за нејзино затворање. Канцеларијата беше формирана како дел од мировниот договор од 1995 година за да се обезбеди усогласеност со цивилните аспекти на спогодбите.
„Очигледно е дека ОХР е извор на големи проблеми кои се закана за архитектурата на Дејтон. Би ги прашал колегите кои ги наметнуваат незаконските шеми за одржување на ОХР и нејзиите диктаторски функции, што се обидувате да направите? Зошто сакате да го закопате кревкиот мир во земја која е во срцето на Европа, и како вашите постапки се поврзани со принципите на деократијата и независноста? Од каде доаѓаат овие двојни стандарди за БиХ?“, рече Василиј Небензја, амбасадор на Русија во ОН.
Хрватскиот амабсадор Иван Шимоновиќ нагласи дека Загреб и натаму ќе го почитува територијалниот интегритет, но побара нова изборна рамка. Српскиот амбасадор Немања Стевановиќ изјави дека Белград ќе поддржи спогодба која ќе биде постигната со двата ентитета и трите конститутиви народи.
Сите 15 членки на Советот за безбедност ја поддржаа резолуциајта 2604 со која се поддржува мисијата на ЕУ во БиХ. Досегашниот мандат требаше да истече в петок. Во новата резолуција не се споменува ни ОХР ни Високиот претставник.
Маја С. Филдишев
