„Отворен Балкан“: Формирање Совет за имплементација за координирање на досега договореното
Во Белград, нова средба во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“. Јасно изразена посветеноста за унапредување на развојот на земјите и директните придобивки за граѓаните. Сепак, признание дека имало застој во спроведувањето на некои мерки. Од идната година се најавува заедничка работна дозвола за трите држави…
Формирање на Совет за имплементација, чија задача е да се координира договорот во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“. Србија, Македонија и Албанија не се откажуваат од соработката, но Вучиќ, Димитров и Рама согласни дека постигнатото на политичко ниво, не секогаш се спроведувало во пракса. Како пример, српскиот претседател наведе дека имало случаи кога увозниците на сурово млеко чекале на граница и по неколку дена, што не е во согласност со договорот.
„Фрустрирани сме кога не го правиме и спроведуваме договореното на политичко ниво и затоа сега ќе треба да се соберат сите агенции и инспекции за да се договорат за сè, за да победи оваа идеја и сите да продолжат напред. Сите стопанственици, буквално 100 отсто од нив, ја поддржуваат оваа иницијатива и од нас бараат само побрзи резултати и активност и да не застануваме само на политички декларации“, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ.
Вицепремиерот за европски прашања Димитров, прашан дали Македонија ќе остане дел од иницијативата, по последните политички случувања во земја и оставката на премиерот Заев, дециден- остануваме дел од „Отворен Балкан“.
„Мнозинството од македонските граѓани сакаат земјата да продолжи да оди напред, а тоа значи блиска соработка со соседите и развој на економијата. Не гледам ризик за мојата земја, со евентуалната промена на власта. Важно е да остане дел од оваа иницијатива. Со иницијативата ја развиваме солидарноста и единствениот пазар на кој ќе има слободен проток на луѓе, стока и услуги“, нагласи вицепремиерот Димитров.
Премиерот на Албанија, Еди Рама изјави дека на состанокот се фокусирале на суштината на иницијативата, развојот на економиите и пазарите на земјите од регионот. Во тој контекст уште еднаш потенцираше дека вратите за останатите држави од регионот остануваат отворени.
„Отворен Балкан им припаѓа на сите, но нема да ги чекаме другите, јас сум тука за економските интереси на Албанија кои се директно зајакнати под влијание на иницијативата Отворен Балкан. ЕУ ги успорува Албанија и Северна Македонија, мислам дека ЕУ треба да преземе мерки за приближување на регионот“, нагласи албанскиот премиер Рама.
На средбата на тројцата претставници, претходеа состаноците со претставници на компании од трите земји и со претставници на Атлантскиот совет.
Марина Стојанова Тонева