Енергетска кризна состојба, но без рестрикции
Сѐ уште енигма кој ќе биде снабдувачот на јаглен за РЕК Битола. На повторениот повик се јавија девет компании за набавка на 900 илјади тони јаглен. Понудите ги исполнуваат бараните количества, велат од ЕСМ. Од вторник пак, енергетска кризна состојба, но без рестрикции, најавија од ресорот економија...

Енергетска кризна состојба ќе биде прогласена во вторник, рестриктивни мерки не се предвидуваат, тврдат од Министерството за економија. Оттаму посочуваат дека во тек се консултации со институциите вклучени во енергетскиот сектор.
„Министерството за економија предложи до Владата и во саботата беше донесена Уредба за начинот и критериумите за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор. Согласно Уредбата ќе може да се спроведат разни мерки, Владата директно преку буџетот и институциите да интервенира во енергетските компании“, велат од Министерството за економија.
Од опозициската ВМРО- ДПМНЕ со реакција- уредбата за прогласување на електроенергетска криза е потврда или криење на колапсот на енергетските компании. Од таму ги посочуваат штетните владини политики и дека Владата на СДСМ и ДУИ ги доведе пред колапс ЕСМ и МЕПСО.
„Спротивно на доскорешните лажни убедувања дека ситуацијата е стабилна, наеднаш се донесе Уредба за прогласување на електроенергетска кризна состојба. Повторно Владата се обиде да го сврти вниманието на јавноста оправдувајќи се дека донесувањето не претставувало ништо друго, туку само исполнување на обврските од Законот за енергетика. Зошто домашните компании ЕСМ и МЕПСО од стабилни компании станаа големи загубари со многу долгови“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ЕСМ информираа дека девет компании се јавиле на повторениот повик за третиот блок на РЕК Битола за дополнително производство на електрична енергија. Понудите ги исполниле бараните количини од 900 илјади тони јаглен. Во понеделник се очекува да се официјализира изборот на понудувач на 300 илјади тони јаглен од првиот повик за набавка на јаглен за ТЕЦ Осломеј.
Од Министерството за економија соопштуваат дека состојбата во електроенергетскиот сектор будно се следи. Од ресорот децидни дека до крајот на годината нема зголемување на цената на струјата за домаќинствата.
Дијана Ценевска
