ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од барањето за избори
ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од барањето за брзи предвремени парламентарни избори. Најбројуваат четири причини - решавање на енергетската криза, ефикасно справување со панедмијата од Ковид-19, забрзување на процесот на интеграција во Европската унија и заздравување на економијата. И СДСМ останува на ставот - мнозинството е стабилно и нема да ја става државата во ризик...

Заев ја заглави државата во енергетска, здравствена и економска криза. Народот на изборите јасно се изјасни за промени и избра нов правец, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата уште еднаш побараа брзи предвремени избори и нова влада.
„Зоран Заев и Социјалдемократскиот сојуз не може да бидат решение, тие се причината за сите проблеми. Граѓаните со огромно мнозинство кажаа дека сакаат промени. Над 50.000 гласа е разликата на советничките листи помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Социјалдемократскиот сојуз. Имаме нова ситуација на терен, и таа мора да биде застапена и во собранието. Само со нови избори волјата на граѓаните ќе биде пресликана и во собранието, и само така ќе имаме стабилна влада според волјата на народот. Влада која ќе ја водат стручни и компетентни луѓе, кои знаат како да ја кренат Македонија на нозе“, изјави Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Со соопштение се огласија од СДСМ. Државата и народот се најважни, парламентарното мнозинство нема да ја става земјата на ризик и нема да гласа за брзи предвремени парламентарни избори. Според Социјалдемократите, ВМРО-ДПМНЕ од час во час само потврдува дека како што велат, издиша нивниот балон од лаги дека имале ново парламентарно мнозинство.
„СДСМ, коалицијата и демократското мнозинство граѓани нема на бранот на еуфоријата да му дадат на Мицкоски поголема власт од оваа која ја освои на локалните избори. Државата и нејзината иднина се е многу поважни од желбата за власт на Мицкоски. На граѓаните им е потребна Влада која испорачува резултат, особено во време на пандемија и енергетска криза, Влада која има евроатлански курс на дејствување и која нема да го закочи евроинтегративниот процес“, се вели во соопштението под СДСМ.
Консултациите за избор на мандатар и за членови на владата се во тек. Од владејачките партии потенцираат дека оставката Заев ќе ја поднесе деновиве откако ќе завршат разговорите. Ја најавија и можноста кон средината на идната недела да се знае името на новиот мандатар, а новата влада најверојатно да биде изгласана во Собранието за десетина дена. Очекуваат и зголемување на парламентарното мнозинство. Се споменуваат пратениците на Алтернатива, од каде што засега молк дали ќе ја прифатат понудата или остануваат во коалиција со Алијанса за Албанците.
Игор Панов
