Скринингот во училиштата во Штип не откри ниту еден ученик позитивен на Ковид-19
Расте бројот на ковид позитивни во Штип, се полни и Клиничката болница. Граѓаните имунизирани со две дози во најголем дел ја примаат и третата, додека интересот за имунизација со прва доза не е голем. Добра вест е што скринингот во штипските училишта покажа дека нема ковид позитивни ученици...

Заврши скринингот во основните и средните училишта во Штип. Од опфатените 144 ученици не е детектиран ниту еден позитивен. Скринингот заврши и во општините Карбинци, Радовиш и Пробиштип, опфатени беа 111 деца, од кои позитивен е еден ученик во Пробиштип при што е постапено согласно епидемиолошкиот протокол.
Во поглед на имунизацијата, најбројни во вакциналниот пункт во Здравствениот дом во Штип се лицата заинтересирани за трета доза, која до сега ја примиле над две илјади лица. Целосно имунизирани се над 60 насто од граѓаните постари од 18 години. Кај младите интересот за имунизација сеуште е слаб.
Моментално во Штип има 311 ковид позитивни, од кои најбројни се лицата над 60 години - 119, но има и седум деца до 9 годишна возраст и 35 лица до 19 години. Во болницата се хоспитализирани 50 ковид пациенти, од кои 29 се на кислородна поддршка.
Славица Величковска
