Расте бројот на заболени со Ковид-19 во североистокот
Во кумановската болница се лекуваат над 40 лица. Наплив има и на пациенти од Крива Паланка. Здравствените работници укажуваат дека возрасната група се поместува, па се почесто има заболени и млади.

Пандемијата со Ковид- 19 сѐ уште не стивнува во североистокот. Деновиве е забележано и благо зголемување. На инфективниот оддел и модуларната болница во Куманово хоспитализирани се 47 пациенти со средно тешка и тешка клиничка слика. Речиси толкав број лица ја посетуваат и дневната болница. Возрасната група се поместува, па се почесто има заболени и млади. Од хоспитализираните, како што информираат од општата болница, околу 25 проценти се вакцинирани и тие вообичаено се со полесна клиничка слика.
„Ние од август како започна овој последен бран до денес немаме некој голем пад напротив овие денови забележуваме и благ пораст веројатно заради тоа што и времето залади, луѓето повеќе се затвораат, групираат и секако непочитувањето на мерките најмногу придонесува за зголемување на овој број“, изјави Снежана Захариева, директорка Општа болница Куманово.
Од болницата нагласуваат дека освен од Куманово, деновиве има наплив на пациенти и од Крива Паланка, но и од останатите градови од североистокот, Кратово, Ранковце и Липково.
„Наше е да кажаме меѓутоа на самите граѓани е и да ги почитуваат мерки и да се одлучат на кој начин ќе водат грижа за своето здравје, дали преку вакцинирање и избегнување на групирања и подигнување на општиот имунитет, наше е да апелираме, и да си помогнеме меѓу себе, навистина персоналот веќе две години работи под големо оптоварување и покрај честите ротации од еден на друг оддел, и нашите заложби и труд и другите оддели да функционираат сепак знаете како се работи со персонал кој што е веќе изморен“, вели Захариева.
Според последната статистика на Министерството за здравство, Куманово е веднаш зад Скопје, со активни над 400 случаи.
Елена Георгиевска
