Здравство

Активни 7.275 ковид- случаи во земјава

05.11.2021 09:26

Последната статистика на Министерството за здравство покажа дека бројот на активни случаи достигна 7.275 од кои најголем број – 3.508 се во Скопје. Во Куманово има 424 активни случаи, во Битола 358, во Прилеп 336, во Велес 335, во Кавадарци 281, во Штип 236, во Кочани 198, во Охрид 191, во Тетово 170…

Расте бројот на активни ковид- случаи во државава. Последната статистика на Министерството за здравство покажа дека бројот на активни случаи достигна 7.275 од кои најголем број – 3.508 се во Скопје. Во Куманово има 424 активни случаи, во Битола 358, во Прилеп 336, во Велес 335, во Кавадарци 281, во Штип 236, во Кочани 198, во Охрид 191, во Тетово 170…

Вчера се регистрирани нови 550 случаи со Ковид-19, 12 починати и 390 оздравени пациенти.

Министерството за здравство вчера соопшти дека од 1.323 основци и средношколци досега опфатени со скринингот за откривање Ковид-19 во училиштата, вирусот бил потврден кај шест ученици во основното образование, а 1.317 ученици биле негативни на тестот. Тестирани се 725 основци од прво до деветто одделение и 598 средношколци од подрачјето на Кочани, Штип, Велес, Скопје, Куманово, Прилеп, Битола, Струмица, Тетово и Охрид.

Во моментов активни на вирусот во земјава се 885 деца на возраст од 0 до 17 години. На Институтот за белодробни заболувања Козле хоспитализирани се 19 деца на возраст од 9 до 16 години. Еден пациент е на кислородна поддршка, а сите останати се со лесна клиничка слика. Ниту едно од хоспитализираните деца не е вакцинирано.

Според податоците од националниот систем „Мој термин“, досега во земјава 5.800 деца на возраст од 12 до 17 години примиле една доза антиковид-вакцина, а ревакцинирани се 4.860 малолетници.

Заклучно со 3-ти ноември вкупно се вакцинирани 807.528 граѓани, ревакцинирани се 778.482, а трета доза примиле 38.719 граѓани. Повеќе од половината или 54 отсто од граѓаните над 40 – годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина на полнолетната популација е 57 проценти, а со две дози опфатени се 46 проценти од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 37 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина, наведуваат од Министерството за здарвство.

Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 204.416, бројот на оздравени пациенти е 189.947, а на починати е 7.194.