Пандемија

Ковид-19 забрзано се шири низ Европа и покрај достапноста на вакцините

05.11.2021 13:11

Европските земји се соочуваат со нови дневни рекорди на заразени. Светската здравствена организација предупредува дека таквата висока стапка на пренос може да доведе до половина милион нови смртни случаи на континентот до февруари следната година.

Европа регистрира пораст од 55 насто на случаи на Ковид-19 во последните четири недели, и покрај достапноста на вакцините. СЗО рече дека тоа треба да послужи како предупредување за другите региони. За зголемувањето на случаите организацијата ги обвини надлежните за бавноста на вакцинацијата.

„Не треба повеќе вакцини да одат во земји кои веќе вакцинирале повеќе од 40% од нивното население, додека КОВАКС системот не ги има потребните вакцини за да им помогне и на другите земји. Не треба да се администрираат повеќе бустери, освен кај имунокомпромитирани луѓе.  Вакцините сами по себе нема да стават крај на пандемијата. Вакцините не ја заменуваат потребата од јавно здравствени и социјални мерки“, изјави Тедрос Аданом Гебрејсус, генерален директор на СЗО.

Европските земји се соочуваат со нови дневни рекорди на заразени. Светската здравствена организација предупредува дека таквата висока стапка на пренос може да доведе до половина милион нови смртни случаи на континентот до февруари следната година.

Во Холандија во изминатите 24 часа се регистрирани повеќе од 10.000 нови случаи на инфекција со коронавирус, што е најмногу од јули годинава. Земјата има една од најбрзо растечките стапки на инфекција во Европа.

„Сакам да бидам сигурна дека не е корона. Повторно одам на универзитет, па сакам да бидам сигурна дека нема случајно да ги заразам луѓето таму.“

„Тестот излезе позитивен откако бев вакциниран. Сега се тестирам бидејќи повторно имам симптоми.“

„Бројот на инфекции расте низ целата земја. Вакцината кај групата постари луѓе е помалку ефикасна отколку кај помладите. Вакцините многу добро заштитуваат од приеми во болница. Тоа ја прави шансата некој да е хоспитализиран дваесет пати помала. Кај постарите лица шансата е десет пати помала“, изјави епидемиолог.

Холандскиот премиер Марк Руте претходно најави низа мерки во рамките на борбата против порастот на заразени со коронавирус во земјата. Одново е задолжително носењето маска во затворените јавни простори.

Процесот на вакцинација е забавен низ целиот континент во последните месеци.  80% од луѓето во Шпанија се вакцинирани со две дози. Тој број е помал во Франција и Германија – 68% и 66%, и е уште понизок во земјите во Централна и Источна Европа. Само 32 насто од Русите се целосно вакцинирани до крајот на октомври годинава.

 

Марина Ристова