Тенис мастерс 1000

Ѓоковиќ ужива и победува во Мајами!

30.03.2014 23:31

За помалку од 90 минути, Новак ја оствари третата победа по ред во дуелите со Надал затоа што одигра речиси безгрешно и најдобро сезонава на омилената брза подлога...

Мајами е омилен турнир на тенисерите, особено на Новак Ѓоковиќ, но полека станува непријатен за Рафаел Надал. Чисти 2:0 изразени со двапати по 6:3 за Србинот кој ја освои четвртата титула во Ки Бискејн и е најуспешен меѓу активните тенисери и втор зад Андре Агаси кој има шест. Шпанецот пак, е поразен и во четвртото финале на Флорида и според загубените мечеви за трофеј ова е неговиот најнеуспешен турнир.

За помалку од 90 минути, Новак ја оствари третата победа по ред во дуелите со Надал затоа што одигра речиси безгрешно и најдобро сезонава на омилената брза подлога. Вториот светски рекет го читаше сервисот на најдобриот, неговиот „ритрн“ финкционираше перфектно, Надал не успеа со агресивна игра од основната линија да го нападне форхендот на Ѓоковиќ и направи премногу неизнудени грешки, дури 20.

Рафа и натаму е рекордер по бројот на мастерс трофеи 26, Ѓоковиќ сега  е трет со 18-тата во кариерата со која вторпат ги врза двете американски „илјадарки“, Индијан Велс и Мајами. И двајцата сезонава имаат по две титули, Србинот ја освои вкупно 43-та и во најбогатото ривалство во модерниот тенис намали на 22:18 во пресметките со Надал. Шпанецот ќе остане на првото место на АТП ранг листата, но српскиот тенисер по подолго време ја спушти неговата предност под 2000 бода или прецизно, 1920.

И во Мајами се почитуваше традицијата, па на последните десет мастерси триумфираше некој од двајцата прворангирана во светот. По северноамериканската турнеја, сезоната ќе продолжи во Европа со серијата турнири на земја. Надал тука ќе биде главен фаворит, но не и несовладлив затоа што по осумгодишна доминација, минатата сезона Ѓоковиќ го совлада во финалето во Монте Карло. Токму турниот во богатото кнежевство е нареден од категоријата 1000 и тоа од 13 април со преноси на Македонската телевизија.