Здравство

19 деца со коронавирус хоспитализирани во Козле

05.11.2021 14:18

На Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле хоспитализирани се 19 деца на возраст од 10 до 16 години, еден пациент е на кислородна поддршка, а сите други се со лесна клиничка слика. Ниту едно од хоспитализираните деца не е вакцинирано. Директорот вели дека моменталната состојба е стабилна и не е драстично зголемен бројот на нови деца за прегледи...

Деветнаесет деца, на возраст од 10 до 16 години, се позитивни на Ковид-19 и се  хоспитализирани во детската болница Козле. Едно е на кислородна поддршка, а другите се со лесна клиничка слика. Течење на носот, проблеми со горните дишни патишта, кашлање и висока температура над 38 се најчестите симптоми. Директорот  на Козле вели дека состојбата е стабилна и не е драстично зголемен број на нови деца за прегледи.

Во меѓувреме продолжува скринингот на учениците . Досега многу е мал бројот на деца кои биле позитивни по направен тест.  Се тестираат во Ченто и во Маџари, во општината Гази Баба.

Децата од 9 до 16 години треба да се вакцинираат, особено оние со хронични заболувања, вели директорот на детската болница повикувајќи се и на ставот на Светската здравствена организација.

Во моментов ниту едно од хоспитализианите деца во институтот за белодробни заболувања „Козле“ не е вакцинирано. Во земјава околу 5.800 деца на возраст од 12 до 17 години имаат примено барем една доза вакцина против Ковид- 19.

Министерството за здравство ја објави анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со Ковид-19, во период од 6-ти август заклучно со 4-ти ноември. Во овој период на територија на државата се регистрирани 48.955 граѓани кои се позитивни на Ковид- 19. Од нив, 13.886 или 28% биле целосно вакцинирани, додека 35.069, граѓани, односно 72% од позитивните на Ковид- 19 не биле вакцинирани.

 

Ана Јосифоска Тодоровска