Осомничените за измама и лажно претставување добија притвор и мерки на претпазливост
Надлежните институции се огласија за случајот со приведувањето на двете лица осомничени за изнудување. Обвинителството поведе постапка и побара од судот определување мерка притвор. Во меѓувреме барањето за едното лице е повлечено, додека за другото судија на претходна постапка му определи мерка притвор во траење од осум дена. Во меѓувреме се огласи и Агенцијата за национална безбедност. Ги негираат наводите во медиумите за инволвираност и апсење на нивен вработен во случајот...

Осум дена притвор за првоосомничениот за измама и мерка за претпазлвост за второосомничениот за лажно претставување му одреди судија на претходна постапка, информираат од скопскиот Кривичен суд. Двете лица беа приведени во вчерашната полициска акција.
„Судија на претходна постапка, одлучувајќи по предлогот донесе решенија со кои го прифати предлогот и на М.М. му определи мерка притвор во траење од осум дена, со оглед да се работи за скратена постапка, додека на В.С. му определи мерки за претпазливост“, информираат од скопскиот Кривичен суд.
Скопското јавно обвинителство поведе постапка против овие лица. Првиот осомничен, со намера да прибави противправна имотна корист за себе, лажно прикажал факти за наводно поседувал информации дека обвинителството води постапка против повеќе физички и правни лица. Од еден од наводно осомничените во таа постапка, негов пријател, побарал 75.000 евра за да ја запре постапката против него. Парите требало да му ги даде во неколку наврати. Во заблуда оштетениот го довело наредба со невистинита содржина која му била покажана.
„Во тоа му помогнал и вториот осомничен, кој на средба со оштетениот лажно се претставил како вработен во Управата за финансиско разузнавање и воедно истражител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. На 3-ти ноември, првиот осомничен се сретнал со оштетениот во ресторан во Скопје и зел од него парични средства во висина од 5.000 евра за услугата што ветувал дека ќе ја изврши“, информираат од Обвинителството.
Од Агенцијата за национална безбедност целосно ги демантираат наводите за апсења или инволвираност на нивни вработени изнесени во повеќе медиуми. Агенцијата овозможила пристап и увид до сите барани податоци од страна на судот.
„Оттука, изјавите и обвинувањата на таквите поединци треба да се примаат со должна резерва и да се утврди нивната веродостојност од страна на сите со закон утврдени институции што за жал во оваа постапка не беше случај“, се вели во демантот од АНБ.
Наташа Гркова- Петрушевска
