Високо образование

70 години од основањето на Правниот факултет во Скопје

05.11.2021 15:06

Нашата реалност, иселувањето на младите, недоволното вложување во образованието и невработеноста се основни причини за намалениот интерес за изучување на правните науки, изјави претседателот Стево Пендаровски во обраќањето по повод 70 годишнината од основањето на Правниот факултет во Скопје. Деканот Георгиевски вели дека се подготвени да помогнат во справувањето со сите модерни предизвици и да ги поддржат евроинтеграциите на земјата...

Состојбата во која се наоѓа правната држава и медиумскиот простор е една од главните причини за намалениот интерес за студирање право, политика и новинарство, рече претседателот Пендаровски. Според шефот на државава, проблем е и иселувањето на младите, недоволното вложување во високото образование, нискиот рејтинг на нашите универзитети на светските ранг листи и невработеноста. За да ја задржи својата релевантост, факултетот мора да ги посочи најважните општествени прашања на модерното време, смета Пендаровски.

Правниот факултет седум децении учествува во градењето на правниот и политичкиот систем на државата. Деканот Георгиевски вели дека се подготвени со целиот потенцијал да придонесат во справувањето со сите модерни предизвици и да ги поддржат напорите за евроинтеграција.

Правниот факултет „Јустинијан први“ е најстарата истражувачка институција во земјава од областа на правото. Од амфитеатрите произлегле многубројни државници, еминентни професори, експерти по право, новинари.

 

Викторија Милевска