Собрание

Власта тврди- мнозинството е стабилно, опозицијата не се откажува од барањето за избори

05.11.2021 16:29

Нема барања во владеачката коалиција за нова распределба на министерските позиции- велат во СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја окрупни опозицијата во Собранието за негово самораспуштање. Во законодавниот дом прва седница по локалните избори...

На консултативните разговори што ги има премиерот Заев со коалиционите партнери во Владата се бара решение за избор на личност за нов мандатар, кој што ќе произлезе од владејачката СДСМ, велат во партијата. Тврдат- нема никакви дополнителни барања од владините партнери за нови ресори или за прераспределба на министерските позиции во Владата. Социјалдемократите посочуваат дека имат стабилно парламентарно мнозинство, и категорично се против предвремени парламентарни избори, а барањето на ВМРО-ДПМНЕ го оценија за нереално.

Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ оценува - исходот од локалните избори треба да се преслика во законодавниот дом. Партијата се обидува да го окрупнува мнозинството со минимум 61 пратеник со иницијатива за самораспуштање на Собранието, што би довело до нови избори. Милошоски ги повика сите пратеници кои се свесни за, како што рече, искажаната волја на народот, да ја поддржат иницијативата.

Претседателот на ДПА, Тачи не верува дека опозицијата има капацитет да формира ново парламентарно мнозинство. Според Тачи владиното мнозинство ќе го продолжи реформскиот пат.

По паузата за локалните избори денешната седница е прва на законодавниот дом.

Игор Панов