Партии

СДСМ се реформира и реорганизира

05.11.2021 16:45

СДСМ се реформира и реорганизира- ова е ставот на владејачката партија каде што претпладнево премиерот Заев имал состаноци во партијата за избор на нов лидер на СДСМ. Министерот за правда Маричиќ вели- шпекулации се мојот избор за наследник на лидерската позиција во партијата. Во ВМРО-ДПМНЕ и натаму бараат заев веднаш да ја поднесе оставката...

Во тек се консултации и работни состаноци со партенрите во коалицијата од парламентарното мнозинство како и во рамките на највисокото партиско раководство – информираат од СДСМ. Органите на партијата заедно со претседателот, работат на решение и одлуки со кои СДСМ се реорганизира со единствена цел да продолжи да му служи на својот народ на највисоко ниво и секако да биде водечка партија во парламентарното мнозинство кое го одржува реформскиот и прогресивниот курс на земјата- се вели во партиското соопштение.

Во врска со најавите дека следната недела СДСМ планира да излезе со мандатар, но и дека коалицискиот партнер ДУИ смета дека треба најпрво да се избере лидер на СДСМ, а потоа да се оди со мандатар и дали ова e нарушување во коалициските врски со партијата на Али Ахмети, министерот за правда Маричиќ потенцира дека приоритет е да се зачува парламентарното мнозинство .

„Нас ни е приоритет да се зачува парламентарното мнозинство бидејќи тоа е и волја на сите коалициони партнери и секако, да ја најдеме најдобрата формула како да продолжи да функционира Владата во овој момент, бидејќи има расположение, има одлука да се продолжи, а да нема избори во овој момент. Очекуваме наредната недела веќе да излеземе со конкретен план затоа што е тоа важно и за граѓаните и за државата“, изјави Маричиќ.

Тој ги демантираше информациите дека е можен иден мандатар.

„Тоа е шпекулација, ниту сум разговарал, ниту некој ме прашал“, рече Маричиќ.

Поранешниот пратеник и министер за транспорт и врски Сугарески поднесе оставка на функцијата претседател и член на Надзорниот одбор на СДСМ. Како што рече, одлуката е поради лошите резултати на локалните избори на кој беше кандидат за градоначалник на Прилеп.

Од ВМРО-ДПМНЕ повторно со став дека изборниот пораз на локалните избори значи дека мнозинство на граѓани бараат промени. Заев треба веднаш да ја поднесе оставката, а веднаш потоа да се организираат и брзи предвремени избори. Само нови избори ќе овозможат волјата на народот да биде пресликана во Собранието, а потоа да има и нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која ќе ја стави државата на брза патека кон ЕУ- се вели во партиското соопшение.

 

Марина Стојанова Тонева