Шекеринска – Пелеши: Блиската одбранбена соработка и сојузништвото во Алијансата ја зацврстуваат безбедноста на регионот
Министрите Шекеринска и Пелеши на средбата во Министерството се согласија дека Северна Македонија и Албанија како земји – сојузнички во Алијансата денес се соочуваат со поголем потенцијал и можности за развој на соработката...
На покана на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска во прва официјална посета на Северна Македонија престојува албанскиот министер за одбрана, Нико Пелеши.
Министрите Шекеринска и Пелеши на средбата во Министерството се согласија дека Северна Македонија и Албанија како земји – сојузнички во Алијансата денес се соочуваат со поголем потенцијал и можности за развој на соработката. Во тој дух, министрите се согласија дека треба да биде инициран нов и сеопфатен Договор за билатерална соработка кој ќе овозможи уште поинтензивна и поблиска одбранбена соработка.
Министерката Шекеринска порача дека Северна Македонија цврсто верува во регионален развој на одбраната преку блиска соработка и вложувањето во специфични капацитети кои би биле на располагање на сојузниците.
„Паметната одбрана е најефикасниот и најдобриот начин напред. Северна Македонија развива специфични капацитети кои ги нудиме на сите сојузници, а еден од нив е и Регионалниот центар за односи со јавноста и справување со дезинформации. Отворени сме за блиска соработка и во рамките на заедничките обуки и военото образование, а работиме и на интензивирање на воените вежби како најдобар начин за развој на интероперабилноста во НАТО“, истакна Шекеринска.
Министерот Пелеши информираше дека албанската Воена академија е во фаза на реорганизација и развој по примерот на најдобрите светски воени школи. Двајцата министри се согласија дека треба да се овозможи размена на студенти од Воените академии на двете земји.
„Ние сме соседи и сојузници. Се надевам на интензивирање на одбранбената соработка и на голем број заеднички проекти. Комплементарноста е од клучно значење“, рече министерот Пелеши.
Шекеринска и Пелеши разговараа и за интеграцијата на двете земји во Европската Унија, и укажаа на потребата од што е можно поскоро отворање на преговорите и за Северна Македонија и за Албанија.
„Со нашата искрена билатерална соработка, со интензивното учество во регионалните иницијативи, ние како земји – членки на НАТО ги штитиме евроатлантските вредности во регионот. Нашата одбранбена и сојузничка соработка ја зацврстува безбедноста во регионот и испраќа уште една порака – местото на Албанија и Северна Македонија во ЕУ е заслужено“, рече министерката и додаде дека земјите испорачаа, сега на ред да испорача е Унијата.
Министрите Шекеринска и Пелеши разговараа и за предизвиците предизвикани од климатските промени и природните катастрофи и се согласија дека потребно е земјите да сметаат една на други во вакви кризи зашто ниту една земја самостојно не може да развие доволно капацитети за брз одговор на катастрофи од големи размери.
