Опозицијата чека Заев да ја достави оставката, во спротивно ќе иницира гласање недоверба на Владата
ВМРО-ДПМНЕ до 14 часот и 30 минути ќе чека премиерот Заев да поднесе оставка. Во спротивно, во Собранието ќе отпочнат постапка за изгласување недоверба на владата. Лидерот на партијата Мицкоски рече дека мнозинството го имаат, но посочи дека вратата е отворена за сите партии коишто сметаат дека актуелната гарнитура работи погрешно и треба да замине. Од СДСМ, пак, посочуваат дека дел од потпишаните пратеници за мнозинството се злоупотребени, а партиите коишто седнаа на заедничка маса немаат заеднички вредности, принципи или платформа...

Формирање нова влада или брзи предвремени парламентарни избори. Ова се двете опции кои ги има лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Mицкоски, откако за почетокот на неделата најави дека до Собранието ќе ги достави потписите на 61 пратеник со кои, како што тврди, има ново парламентарно мнозинство. Тој ќе чека понеделнички, премиерот Заев да поднесе оставка, а претседателот на Собранието, Талат Џафери да ги почитува постапката и роковите, во спротивно, ќе ѝ изгласаат недоверба на владата. Мицкоски демантираше дека пратеникот на Алијанса, Скендер Реџепи го повлекол потписот од иницијативата. Ги повика и останатите пратеници да се приклучат кон новото мнозинство.
„Најмалку имам потреба да се служам со методи кои што ниту мене како човек, ниту како универзитетски професор и педагог, ми доликуваат, а потоа и како претседател на најголемата политичка партија. Затоа, најдобар демант на ова ќе биде иницијативата која ќе биде поднесена во парламентот, во текот на утрешниот ден најдоцна до 14:30 часот. Секој оној којшто ја поддржува ова влада предводена од Зоран Заев нормално е дека нема да бидат дел од оние пратеници кои ќе гласаат недоверба. Ако некој мисли дека оваа влада треба да замине и дека треба да биде изгласана недоверба е добредојдоен“, изјави Мицкоски.
Деновиве ќе покажат дали ќе се избере нова анти- демократска, анти- Преспа, анти- НАТО и анти- ЕУ влада, дали Мицкоски има капацитет и одговорност, реагираат од СДСМ. Според партијата, информациите кои се појавија во јавноста говорат дека дел од пратениците кои се потпишале биле злоупотребени.
„Нема тука никакви политички идеи, никакви вредности, нема политички принцпици, платформа, Мицкоски има само и единствено желба за власт. Конфликтот на ставови, конфликт на политики и конфликтот на вредности на сите овие политички субјекти не може да испорача ништо за интересот на граѓаните, ниту пак за националните интереси на државата. СДСМ како партија која е на страната на граѓаните, на националниот интерес и напредокот на државата ги повикува на соработка сите прогресивни демократски сили“, стои во соопштението на Социјалдемократите.
Премиерот Заев ја најави оставката по вториот круг од локалните избори, а во петокот, ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса и Алтернатива и Беса се договорија за 61 потпис, за како што рекоа, соборување на владата на СДСМ и на ДУИ.
Викторија Милевска
