Вработени во Штипскиот театар бараат „Култура без тортура“, директорот бара реализација на задачите
Со едноминутен молк пред штипскиот театар „Ацо Шопов“, дел од вработените го изразија незадоволството од состојбата во установата, нарушените меѓучовечки односи, дисциплинските постапки, притисоците. Побараа оставка од директорот Трајков. Тој, пак, ваквите тврдења ги отфрли како лага и невистини, и рече дека вработените освен права, имаат и обврски...

Дваесет и седум вработени во Центарот за култура во Штип обединети под мотото „Култура без тортура“ денес јавно проговорија за проблемите со кои се соочуваат на работа. Од Министерството за култура бараат разрешување на актуелниот директор заради кршење на работничките права и секојдневната изложеност на притисоци, закани, мобинг и дисциплински постапки.
Обвинувањата упатени кон мене не се точни, вели директорот на Центарот за култура. Јас ги почитувам работничките права, но вработените имаат и обврски.
Актуелниот директор е на чело на Центарот за култура седум месеци и како што вели наследил децениски проблеми како неработење на дел од актерскиот кадар, чести боледувања заради кои трпи репертоарот и финансиски проблеми кои се резултат на ваквото работење.
Инаку штипскиот театар неделава ја има премиерната изведба на претставата „Животот е убав“.
Славица Величковска
