Голем раст на цените на храната на светско ниво
Цените на храна растат и на светско ниво. Анализите на Меѓународната организација за храна- ФАО покажуваат дека најголемо поскапување има кај житата и кај растителното масло. Драстичен пораст имало и минатата година поради доцнењето на жетвата и зголемената побарувачка на житариците.

Цените на храната во светот во октомври, веќе трет месец по ред бележат покачување и се искачија на нов десетгодишен максимум. Причината, според Организацијата за храна на Обединети нации, е повторно растот на цените на житата и на растителните масла на светските берзи.
Индексот на најтргуваните меѓународни земјоделски производи и храната, кој ги следи ФАО е зголемен од 129 во септември на 133 во октомври, односно во просек за 4 процентни поени за еден месец.
Цените на земјоделските производи драстично пораснаа и минатата година, како резултат на доцнењето на жетвата наспроти големата побарувачка.
Цената на житото и кај нас на почетокот на ноември достигна 15 до 16 денари, додека летоска, во екот на жетвата, беше 10,7 денари за килограм, велат земјоделците.
Најголем дел или скоро 80 проценти од родот беше откупена веднаш, а оние земјоделци кои имаат свои складишта или силоси ја сочуваа пченицата чекајќи подобра цена и очекувааат таа да расте уште повеќе.
Од зеленчукот, компирот, зелката и кромидот имаат најголемо поскапување, доносно дури 100, а доматите се 25 процентни поскапи во однос на октомври минатата година.
Методија Трајков
