Судство

Џолев избран за в.д. претседател на Кривичен суд

08.11.2021 12:39

Судскиот совет едногласно го избра досегашниот претседател на Oсновен кривичен суд- Скопје, Иван Џолев, за вршител на должноста, претседател на судот...

Судскиот совет едногласно го избра досегашниот претседател на Oсновен кривичен суд- Скопје, Иван Џолев, за вршител на должноста, претседател на судот. Претседателката на Судскиот совет појасни дека изборот се прави од редот на судии кој во изминатата година имал највисока оценка за својата работа. Џолев бил оценет со највисока оценка, а Кривичниот суд за ажурен во последната година. Во трката за вршител на должност биле и Ивица Стефановски и Пајазит Пајазити, со ист број бодови.

Пред седницата на Судскиот совет од ВМРО-ДПМНЕ бараа телото за контрола на судската власт, да ги почитува Уставот и законите и според нив, да го изберат најдобро оценуваниот судија. Порачаа - членовите да не подлегнат под притисоци и да не носат политичка одлука со која за в.д. на Основниот кривичен суд би го избрале судијата Иван Џолев.

На време не бил извршен избор на нов претседател на Кривичен суд скопје поради локалните избори и препораките на Антикорупциската комисија да не се врши избор или разрешување за време на избори, уверува портпаролот на Судскиот совет.

Од Судскиот совет велат дека за најкусо време ќе биде распишан оглас за претседател на скопскиот Кривичен суд, но и за сосновните судови во Тетово, Куманово и Велес.

 

Наташа Гркова- Петрушевска