Струмица

Ќе расте ли цената на огревното дрво?

08.11.2021 14:35

Се очекува ли раст на цената на огревното дрво? Од шумско стопанство „Беласица“ велат дека засега нема зголемен интерес за набавка на дрво, но не се исклучува можноста за скок на цената...

Ќе оди ли во нагорна линија цената на огревното дрво по најавите за поскапување на струјата, но и можната енергетска криза во земјава. Од шумско стопанство „Беласица“ велат дека цената ја одредува владата, таму се носат одлуките по колку пари да се продава огревното дрво. Засега немале најави, но не ги исклучуваат сите можности.

Митров вели дека засега не е забележан поголем интерес од вообичаениот за снабдување со огревно дрво кај струмичани, а потрошувачката на огревно дрво оди и до 10-15 кубни метри на годишно ниво, за едно семејство, за што се неопходни и повеќе од 60.000 денари годишно.

За една грејна сезона во Струмица ќе испорачуваат до 22 илјади метри кубни огревно дрво.

Струмица го користи и компресираниот гас како можност за греење во домот. Засега дистрибутивната мрежа е околу 40 километри, а околу 300 домаќинства го користат истиот во своите домови.

Стојне Митева