Во четврток ќе се гласа за доверба на Владата
Спикерот Џафери за четврток ја закажа собраниската седница за гласање доверба на Владата. Иницијативата ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ, која како што велат е поддржана од 61 пратеник. И од власта и опозицијата тврдат дека имаат мнозинство. За пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо, а народот да страда, се огласи на Фејсбук премиерот Заев...

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ достави до Собранието список со потпис на 61 пратеник со кој бараат спикерот Џафери да свика седница на која ќе се гласа доверба на Владата. Овој потег следува откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски упати барање до премиерот Заев да ја поднесе оставката којашто ја најави по вториот круг на локалните избори. Пратеникот Александар Николоски, објаснувајќи ја иницијативата рече дека Владата во последните пет години не остварила значајни резултати и како што рече – нема кредибилитет да раководи со државата.
Деновите пред нас ќе покажат дали Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ имаат доволно пратеници за да изгласаат недоверба на Владата, реагираат од СДСМ. До вчера Христијан Мицкоски се силеше дека има ново парламентарно мнозинство, а денеска го пушти Александар Николовски да се бламира со иницијативата за која не се знае дали има мнозинство или веќе му испари, велат од владејачката партија.
На социјалната мрежа Фејсбук реагираше и премиерот.
За пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо, а народот да страда. Овие денови сведочиме загрозување на Договорот од Преспа, на Договорот за добрососедство со Бугарија, на Охридскиот рамковен договор, на заедничкото едно и еднакво општество, на мирот на граѓаните внатре и на добрите односи со соседите. Но, има оваа држава свој народ, и граѓани, и демократи, и борци, и политичари и партии кои нема да дозволат Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја заробат и упропастат државата одново – напиша Заев на Фејсбук.
Анита Димитријевска- Велковска
