Полска

Тензии на границата со Белорусија

09.11.2021 10:14

На источната полска граница тензично. Варшава ги засили безбедносните мерки на линијата со Белорусија поради мигрантите. Претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен ги повика членките на ЕУ да ги прошират санкциите против Минск...

Илјадници мигранти се собраа на белоруско- полската граница во обид да влезат во Европската унија. Дел од нив се обидоа да ја пресечат бодликавата жица и да се прекачат преку бариерите, а неколкумина фрлија и камења по полицијата.

„Немаме вода ни храна. Колку пати треба да чекаме? Не знаеме, уште колку ли ќе чекаме?“

„Состојбата не е како што ви изгледа. Овде секој речиси умира од студ, глад и од сè.“

Полското МВР тврди дека безбедносните единици успеале да ги одвратат и да ја спречат илегалната инвазија. Владата во Варшава одржа итен кризен состанок и распореди уште 12 илјади војници во регионот.

„Имаме информации дека ескалираат активностите на овие агресивни групи. Не користат само гранки или стапови, туку и камења. Оние со кои се справуваме во моментов се собрани на неколку места во близина на границата и се претежно млади, силни луѓе. Има и деца, но малкумина. Доминираат младите мажи кои најчесто се однесуваат агресивно“, вели Павел Солоч, шеф на Бирото за национална безбедност.

„Во блиска иднина можно е да има и воени акции на границата. Се плашиме од ова, но во исто време сакаме да ве информираме дека може да се појават провокации од белоруската страна“, изјави Пјотр Милер, портпарол на владата на Полска.

И Брисел го обвинува белорускиот претседател Александар Лукашенко за организирање на мигрантските групи на источните граници на ЕУ како одмазда за воведе санкции врз Минск поради бруталната репресија врз опозицијата. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги повика земјите-членки на блокот да ги прошират казнените мерки против Минск.

Минск возврати – Полска врши врз мигрантите кои се обидуваат да најдат спас во ЕУ.

„Наместо да се обидат да ја разберат тековната ситуација и да ги повикаат бранителите на човековите права на консултации, полските безбедносни сили вршат психолошки притисок преку ангажирање на авијацијата и на опремата, и со употреба на солзавец. Поради ваквите методи, дел од мигрантите презедоа порешителни чекори и почнаа да ги уништуваат полските бариери“, изјави Антон Бичковски, портпарол на Одборот за гранична заштита на Белорусија.

Покрај Полска, и Латвија тврди дека е зголемен бројот на луѓе кои се обидуваат незаконски да влезат на нивна територија од Белорусија. Многумина од карванот се од Блискиот Исток и од Азија.

Маја С. Филдишев