Енергетска ефикасност

Со фотоволтаици до заштеда и помлаи сметки

09.11.2021 13:49

Фотоволтаици како замена за електрична енергија. Струмичка компанија преку овој систем заштедува и до 50 отсто од потрошувачката на електрична енергија. Смета дека лесно ќе ја надмине најавената енергетска криза, а ќе ги зачува и сите работни места.

Цената на електричната енергија последните години оди во нагорна линија. Затоа секакви напори за енергетска ефикасност – заштеди на енергија, се оправдани и неопходни. Големи резерви за заштеда на енергија постојат, но треба правилно да се искористат. Сопственикот на објектот кој со предходен договор со рафинеријата ОКТА ги користи бенифициите, вели дека неговата компанија вака ќе може да ја издржи најавената енергетска криза.

„Веќе од 2021-ва година имаме намалување на трошоците, бидејќи струјата веќе достигна драстична цена, а и уште се очекува покачување“, вели Иљо Кузманов, стопанственик.

Кузманов признава дека со заштедувањето на електричната енергија на вакаов начин, многу од компаниите нема да одвојуваат големи суми за енергија, туку истите ќе се пренаменат за репродуктивен развој и придобивки кои ќе значат не само раст на компаниите, туку и нови работни места.

„Сметам дека компаниите кои се во можност или со сопствени средства или преку кредит, треба да инвестираат во фотоволтаици“, додава Кузманов.

Во југоистокот еден од најголемите производители на обновлива енергија се ветерниците во Богданци кои произведуваат 100 милиони киловат- часови струја, која е еднаква количина за задоволување на годишните потреби од струја на град од околу 60.000 жители.

 

Стојне Митева