Здравство

Прилеп: Стабилна состојбата во училиштата, во градот зголемен број позитивни на Ковид-19

09.11.2021 14:27

По тестирањето на учениците во Прилеп и во регионот состојбата се смета за стабилна. Еден ученик во Прилеп, а вкупно тројца во регионот, се позитивни. Во градот пак, за 30 насто е зголемен бројот на позитивните на Ковид-19...

Стабилна е состојбата во основните и средните училишта во Прилеп и во Регионот, потврдуваат од Центарот за јавно здравје кој го спроведе скринигот на учениците по случаен избор. Само тројца од вкупно 343 тестирани ученици во пет општини, двајца од основно и еден од средно училиште, се позитивни. Еден случај на средношколец е евидентиран во Прилеп и по еден од основните во Крушево и во Долнени.

Прилепската гимназија која единствена има настава од далечина, поради обемни градежни работи, очекува ситуацијата да остане стабилна и учениците во второто полугодие да се вратат во клупите.

Но, за 30 насто е зголемен бројот на позитивните во градот. Главно се на возраст од 20 до 49 години. За среќа, комплицираните случаи засега не се големи.

Околу 75 насто од хоспитализираните се невакцинирани.

Елизабета Митреска