Политика

Партиски комбинаторики за парламентарно мнозинство

09.11.2021 14:54

Продолжуваат партиските комбинаторики и трката за обезбедување мнозинство во Собранието. И власта и опозицијата тврдат дека имаат најмалку 61 пратеник. Официјално молк, но неофицијално течат разговорите меѓу партиите пред собраниската седница во четврток за гласање доверба на Владата...

Двата политички табора, и на власта и на опозицијата, остануваат на ставот дека имаат стабилно парламeнтарно мнозинство. Иако првично на иницијативата потписи ставија ВМРО-ДПМНЕ , Алијанса за Албанците, БЕСА и Левица, сѐ уште е нејасно дали е тоа потврдено бидејќи пратеникот Скендер Реџепи рече дека го повлекува својот потпис, ако на списокот стојат и потписите пратениците од Левица. Ја најави можноста и за повлекување од пратеничката функција.

Во Алтернатива сѐ уште се дискутира за следните чекори, имајќи предвид дека нивниот став е сите пратеници да бидат единствени. Преку социјалните мрежи се огласи и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски со апел до неговиот колега Реџепи, да не се откажува од иницијативата за гласање доверба на Владата.

Не престануваат  ниту меѓусебните обвинувања за вршење притисок и наводен поткуп врз пратениците. Од СДСМ возвраќаат, ВМРО-ДПМНЕ е таа која се закануваше кон пратеници,а потписите за недоверба на Владата се собрани преку лаги и измами.

По уважување на жалбата на БЕСА од Управен суд, во општина Желино нема прегласување и партијата го задржува градоначалничото место. Од партијата и натаму молк. Нема став дали остануваат на потписите на иницијативата за гласање доверба на Владата.

Марина Стојанова- Тонева