Опаѓа интересот за редовната имунизација
Повеќето родители одбиваат да ги вакцинираат своите деца со редовните вакцини против детски болести, информираат од Здравствениот дом во Куманово. Здравствени работници се загрижени бидејќи со недоволна имунизација почнале да се враќаат и заразните болести. Најголема одбивност велат има за вакцината МРП. И анализите покажуваат дека Куманово, заедно со Скопје и Тетово е меѓу градовите со најмал процент на опфатеност со оваа вакцина.

Значајно е паднат интересот за редовната имунизација против детски болести во Куманово, информираат од Здравствениот дом. Повеќето родители и сега во пандемијата, меѓутоа и претходно, одбиваат навреме да ги вакцинираат своите деца. Најчесто се колебаат за вакцината МРП, поради претпазливост од појава на аутизам. Надлежните проблемот го лоцираат во антикампањата која се води на социјалните мрежи. Здравствените работници загрижени велат поради недоволна имунизација почнаа да се враќаат заразните болести кои со години не биле застапени.
„Бројката се намалува дури и имаме паднато над 70, за некои вакцини и под 50 проценти опфатеност. Вакцината не е причина за никакви болести, туку таа штити од болести и бидејќи имаме недобра опфатеност почнаа да се појавуваат туберкулоза и некои други болести кои со години наназад ги немаше“, вели д-р Снежана Јовановска, началник Здравствен дом Куманово.
И согласно анализите Куманово, заедно со Скопје и Тетово, е меѓу градовите со најмал процент на опфатеност со вакцината МРП. Лекарите со апел родителите да не ги избегнуваат редовните вакцини, бидејќи со тоа може да создадат и компликации кај дечињата.
„Кај машките деца прават компликации, бидејќи паротитисот е вирусно заболување нема лек, тие кои ќе заболат ги осудуваат родителите на стерилност. Исто така и втората компонента рубеола е важна за женските деца, бидејќи во текот на бременоста доколку се зарази мајка со рубеола се раѓа плод со конгенитални аномалии“, информира д-р Јовановска.
Редовната вакцинација на децата е еден од условите за прием во детските градинки. Родителите кои одбиваат имунизација на своите деца, можат да се соочат и со казни.
Од Здравствениот дом информираат дека за разлика од кај новороденчињата и помалите деца, кај училишните деца интересот за вакцинација е доста поголем. На пунктот во „Тоде Мендол“ се вакцинираат дури над 80 проценти од учениците.
Елена Георгиевска
