Нови сместувачки капацитети во Вевчани

31.03.2014 10:19

Вевчани и натаму е врвна туристичка дестинација за домашните, а посебно за странските туристи. Вложувањето во сместувачки капацитети ќе биде приоритет за идниот економски развој на општината...

Се повеќе туристи го посетуваат Вевчани, а има и туристи кои прв пат доаѓаат и се воодушевуваат од природните реткости под Јабланица.

„Прв пат доаѓам тука. Прошетавме покрај изворите убаво е, изненадени сме од амбиентот...Доаѓам повеќе пати. Денес бевме во Свети Наум и Охрид, но сакавме уште еднаш да се прошетаме кај вевчанските извори...“, велат туристите.

Градоначалникот на Општина Вевчани, Цветомир Угриноски вели дека се задоволни од бројот на туристите кои во текот на целата година доаѓаат во Вевчани. Поради вложувањата тука доаѓаат гости и од повеќе странски земји.

„Овде доаѓале туристи кои биле во Охрид претежно Холанѓани и Словенци. Имаме голема посетеност, а има денови кога доаѓаат и преку 1000 гости“, информира градоначалникот Угриноски.

Од причини што има повеќе гости кои се заинтересирани да одмараат во Вевчани ќе започне и изградбата на повеќе  сместувачки капацитети. Тоа е неопходно, бидејќи како место кое веќе станува атрактивно за посетителите мора да се создадат услови за креација на туристичка содржина која ќе ги обединува сите потенцијали:

„Имаме проширување на урбанистичкиот план каде што имаме државно земјиште предвидени се викенд населби и тој простор ќе биде понуден на тендер по едно евро и кој сака да гради викендичка во Вевчани може да учествува“, појаснува првиот човек на Општина Вевчани, Цветомир Угриноски.

Вевчани веќе станува познато како туристичкио место  и во таа насока треба да се развива и да се инвестира, додаваат од Општина Вевчани.

 

Јованчо Наумоски