МРТ и ХРТ потпишаа договор за соработка

09.11.2021 15:51

Македонската и Хрватската радио-телевизија потпишаа договор за соработка. Секоја недела во етерот ќе зрачи половина час програма на хрватски јазик, а исто така емисии и програма снимени во земјава ќе се емитуваат на хрватскиот јавен сервис. Двете телевизии и досега имаа одлична соработка, со тенденција во иднина да разменуваат повеќе информативни содржини…

И Македонија и Хрватска имаат позитивен однос кон малцинските прашања, а земјите работат во зачувување на јазичната и културна разноликост во секоја од државите. Ова е заклучокот од состанокот на Меѓувладината мешовита комисија (ММК). Уште еднаш се потврдија одличните билатерални односи и соработката на теми од заемен интерес.

„Беше изразена заемна подготвеност за интензивирање на политичкиот дијалог и продлабочување на соработката во економската сфера, културатаобразованието, како и евроинтеграциите“, изјави Фатмире Исаки, копретседавач на македонскиот дел од ММК.

Копретседавачот на комисијата, Милас, вели дека Хрватска во целост ги почитува правата на македонското малцинство во неговата земја.

„Најважно за хрватската заедница е Хрватите во Република Северна Македонија да го дефинираат својот статус како национално малцинство. На тој начин ќе добијат платформа со која ќе можат поедноставно и институционално да направат сè што е потребно за да го зачуваат идентитетот и своите вредности. Се надевам дека тоа наскоро ќе се случи“, изјави Звонко Милас, копретседавач на хрватскиот дел од ММК.

Во рамки на состанокот се потпиша и договор за соработка меѓу Македонската и Хрватската радио-телевизија. Ќе се разменуваат емисии во продукција на двата јавни сервиса.

„На нашиот четврт канал којшто е специјализиран за националните малцинства, после ефектуирањето на договорот кој денес го потпишавме, еднаш неделно, во траење од половина час, ќе емитуваме програма на хрватски јазик. Истото ќе го направиме со споделување на наша програма до ХРТ, кога имаат термин за програма на македонски јазик, да се емитува наша програма“, изјави генералниот директор на МРТ, Марјан Цветковски.

„Сакам да потсетам дека ние со години на првиот канал на ХРТ имаме емисија со наслов „Призма“. Тоа е неделна емисија која многу често содржи прилози на македонски јазик за активностите на македонското малцинство. Исто така ја имаме и емисијата „Малцински мозаик“, која исто така се емитува на македонски или албански јазик. Се трудиме соработката да ја дигнеме на повисоко ниво и се заблагодарувам што имавме можност да го потпишеме овој важен договор“, рече Иво Кујунџиќ, главен уредник на програмата за Хрвати надвор од Р. Хрватска на ХРТ.

Двете телевизии и досега остварува одлична соработка во делот на логистиката, размената на информации од јавен интерес и едукација на новинарите, со единствена цел – поквалитетно и навремено информирање.

Анита Димитријевска Велковска