Аналитичари: Неизбежни се предвремени избори
Аналитичарите сметаат дека независно од гласањето на собраниската седница за доверба на владата, оваа коалиција е нестабилна поради тесното мнозинство. Велат во наредната година сепак ќе следуваат предвремени избори. На коалициските партнери на СДСМ им се забележува и на бавноста во трансформацијата на партиите...

Без да се елаборираат прашањата што се од суштествен интерес на политичките партии на Албанците, малку е веројатно формирањето стабилна политичка влада која би ја предводеле ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива и Беса, смета политичкиот аналитичар Муслиу. Според него има спор меѓу албанските партии и Левица што тешко може да се надмине, додека од друга страна ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса при заедничката соработка на локалните избори недоволно ги адресираа прашањата од државен интерес.
Муслиу порачува дека посветеноста на другите албански партии да го тргнат од власт ДУИ не е спорна. Сепак, како ќе разврзе политичкиот заплет, дали ќе се формира нова влада, ќе опстане ли актуелната, или ќе се оди на избори, за тоа вели, допрва ќе се разјасни со оглед на фактот што ниту една партија во моментот не е подготвена за брзи избори.
Професорот од Факултетот за безбедност, Дујовски вели дека последниве неколку денови се случија неколку настани кои индицираат дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ со иницијативата за доверба на Ввлада нема да успее да ја собори актуелната власт. Смета дека сепак, неизбежни се предвремени избори наесен наредната година.
Заклучок на познавачите за политичките состојби во земјава е дека е неопходна стабилна влада со побројно мнозинство, која успешно ќе се справи со здравствената и со економската криза.
Игор Панов
