Одложени оставките на Заев
Одложени се оставките на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на неодреден период. Одлуката синоќа беше донесена на Централниот одбор на партијата...

Одложени се оставките на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на неодреден период. Одлуката синоќа беше донесена на Централниот одбор на партијата. Од СДСМ велат дека не е потребна политичка нестабилност во важни времиња кои следуваат за земјава.
„Имајќи ги предвид пред сѐ случувањата во државата и моментумот во којшто се наоѓа Северна Македонија во овој период, којшто е многу клучен за процесите коишто понатаму треба да следуваат, едногласно донесе одлука претседателот и премиерот да ја одложи оставката на одредено време додека овие процеси не се нормализираат“, изјави претседавачот на Централниот одбор на СДСМ, Перо Костадинов.
Според Костадинов, одлагањето на оставките ќе биде додека состојбите во државата го бараат тоа.
„Не треба да потенцирам дека државата после многу години режим продолжува и се гради на европските вредности, на вистинските демократски и слободарски вредности. Генералната одлука која што е донесена е дека моментумот пред којашто е исправена Македонија е многу значаен и сите ние треба да бидеме на висината на задачата, бидејќи голема е цената“, потенцира Костадинов.
На ваквата одлука реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Велат, Заев е измамник и губитник и треба веднаш да си поднесе оставка. Додаваат дека тој повторно не останува на зборот. Девет дена по најавата, оставката пропадна во земја, а го храбрат само неколкумина негови соработници во криминал, велат во ВМРО-ДПМНЕ. Во партиската реакција потсетуваат на инфлацијата, на поскапувањето на струјата, на заболените од ковид и на пожарот во Тетово.
