Отпадни води се влеваат во Брегалница

31.03.2014 10:33

Во реката Брегалница, во близина на Бубарите од каде што штипјани се снабдуваат со вода за пиење, директно се влева црна вода со непријатен мирис. водата истекува од каналот поврзан со индустриските капацитети. Инспекторите засега без резултати од истрагата за сторителите...

Повеќе од половина месец, според сведочењето на жителите на населбата „Македонка“ од отпадниот индустриски канал тече црна смрдлива вода, која се влева во реката Брегалница. Веднаш до каналот има продавница за прехранбени производи, а до неа станбени згради. Во една од нив живее Вукислав Атанасов, кој се пожали на смрдеата.

„После пет – шест часот кога е мирно времето, многу смрди. Не се издржува. Ова е пријавувано многу пати. Никој ништо не презема“, вели Вукислав Атанасов.

Долгогодишните жители на населбата посочуваат на текстилна компанија, која одбива да стави филтри. Општината, пак, во чија надлежност е капацитетот, не посочи на виновникот.

„Лоциравме три загадувачи, така што не е соодветно да се споменуваат  по име кои се, но верувајте овие три дена настанаа големи измени. Кога лошото ќе дојде тешко се оправа, но ќе го оправиме и нема да се појавува повеќе“, изјави Сенка Анреева, општински еколошки инспектор.

Жителите побарале помош и од Министерството за заштита на животна средина.

„Градот Штип под чија надлежност е капацитетот, има апсолутно право врз основа на анализите да донесе проценка, да се и стопира производството ако треба“, вели Соња Лепиткова, државен секретар во Министерство за животна средина.

Само неколку од над триесетината капацитети во индустрискиот дел кај Македонка во до сега  успеале да добијат интегрирани еколошки Б дозволи, што ги издава општината. И законски ригорозните казни, смрдливата отпадна индустриска вода што се влева директно во реката, засега никој не успеа да ја сопре.   


Весна Коловска