Политика

Заев: Останувам за да помогнам

10.11.2021 11:49

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев останува на фукнциите. Рече дека за неговите оставки ниту се дискутирало, ниту се одлучувало. Највисоките партиски тела со едногласна одлука- премиерот и лидер на партијата да ги одложи оставките сѐ додека не се нормализираат процесите во државата. Зоран Заев не може веќе да биде ниту решение, а неговото заминување е неопходно, став на ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев останува на функциите за како што изјави по седницата на Централниот одбор, да помогне во одржувањето на парламентарното мнозинство, со цел истото да се зголеми. Рече дека ниту за неговите оставки се дискутирало, ниту за нив се одлучувало.

„31-ви вечерта потврдив дека останувам овде за да помогнам да се одржи парламентарното мнозинство и ако може да се зголеми и таква е одговорноста кон државата и целиот наш народ и логично е да бидам посветен на овој процес. Немам ништо друго дополнително да додадам затоа што претседавачот на Централниот одбор ги соопшти одлуките на Централниот одбор и даде одговор на сите прашања. Важно е државата да не се врати повторно во минатото на кавги и дома и надвор, да го загрози евроинтеграциските процес, секако важно е заради тоа што сме во време на пандемија сѐ уште, енергетска криза, денеска Владата носеше сериозни одлуки за сите овие прашања“, изјави Заев.

Извршниот и Централниот одбор на СДСМ едногласно донесоа одлука премиерот и лидер на партијата Заев да ги одложи оставките сѐ додека не се нормализираат процесите во државата.

„Имајќи ги предвид пред сѐ случувањата во државата и моментумот во којшто се наоѓа Северна Македонија во овој период, којшто е многу клучен за процесите коишто понатаму треба да следуваат, едногласно донесе одлука претседателот и премиерот да ја одложи оставката на одредено време додека овие процеси не се нормализираат“, изјави претседавачот на Централниот одбор на СДСМ, Перо Костадинов.

Зоран Заев е изворот на кризите и проблемите во Македонија. Тој не може веќе да биде ниту решение, а неговото заминување е неопходно. Неговиот збор не вреди, тој освен што е губитник е и класичен измамник, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Последните обиди за притисоци и непристојни понуди кон пратениците кои се потпишаа на иницијативата за гласање недоверба на владата се само сламка за спас на Заев и екипата околу него. Тоа се потези на очајник. Граѓаните на последните избори јасно му порачаа дека се за промени и ваквите злоупотреби нема да му помогнат, туку само уште повеќе ќе го зголемат незадоволството на народот. Заев не може да ја држи Македонија во заложништво заради фотеља и политичка кариера“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот и лидер на СДСМ оставките ги поднесе пред 10 дена, поради како што рече, поразот на локалните избори.

 

Милчо Велески