Полска- Белорусија

Се продлабочува мигрантската криза, Моравјецки со жестоки обвинувања

10.11.2021 12:47

Се продлабочува мигранската криза на границите во Белорусија. Две поголеми големи групи мигранти успеале да ја пробијат оградата и да дојдат на полска територија. Литванија, пак, воведува вонредна состојба за да спречи мигрански бран. Сѐ поизвесно е дека Минск ќе се соочи со санкции од Европската унија. Полскиот премиер Моравјецки го обвини рускиот претседател Путин за мигранската криза на границите...

Нови инциденти на границата меѓу Полска и Белорусија. Две поголеми групи мигранти успеале да ја пробијат оградата. Премиер Матеуш Моравјецки со жестоки обвинувања – тврди дека мигрантската криза ја оркестрирал белорускиот претседател Лукашенко, но е дизајнирана во Москва, а според него, мозокот на операцијата е Владимир Путин.

„Неоимперијалната политика на Русија напредува. Тоа го гледаме многу јасно. Ги набљудуваме овие чекори. Тие се распространети преку различни дејствија, се шират со текот на времето, но токму овој последен напад на Лукашенко- кој е изведувач, има свој мозок во Москва. А, овој мозок е претседателот Путин- ја покажува решеноста да се спроведе сценарио за обнова на Руската империја“, изјави Матеуш Моравјецки, премиер на Полска.

Белорусија, пак, ги обвини властите во Варшава дека полски полициски чувари претепале мигранти заглавени на граничниот премин.

„Курдските бегалци претепани од полските безбедносни сили пронајдени на граница. Сите од нив имаа различни трауми и знаци на физичко насилство. Според бегалците, тие биле приведени на територијата на Полска, каде што се обиделе да побараат заштита и да им се додели статус на бегалец“- се вели во соопштението објавено од државниот граничен комитет на Белорусија.

Брисел го критикуваше Лукашенко дека намерно дозволува мигрантите да влезат во Унијата од белоруско тло само за да се одмазди за санкциите.

„Воведовте санкции против мене, против Белорусите. Отидовте во хибридна војна против Белорусија. Погледнете ги медиумите, економијата, политиката, сега ја добивте и безбедноста. Тоа е хибридна војна. И сега сакате да ве заштитам од мигрантите меѓу другото“, изјави Александер Лукашенко, претседател на Белорусија.

Во време на нови санкции против Минск, белоруската опозиционерка Тихановскаја, побара ЕУ да остане доследна на ставот.

„Без промена на режимот нема да го решиме целиот проблем. Ја повикувам Европската унија, особено Германија, да бидат доследни во својата надворешна политика, и да извршат притисок врз Лукашенко колку што можат, за да може да разбере дека нема друг излез од ситуацијата“, рече Светлана Тихановскаја, лидер на белоруската опозиција.

Во меѓувреме, стапи во сила едномесечната вонредна состојба и долж Литванско- белоруската граница за да се спречи мигрантскиот бран. На границата се распоредени околу 1.200 војници.

„Не сакам никого да плашам, но гледате каква е ситуацијата околу полската граница. Мораме да бидеме подготвени за разни изненадувања. Луѓето се обидуваат да ја преминат границата секој ден“, вели Ингрида Симоните, премиерка на Литванија.

Вонредната состојба ќе важи и за сместувачките капацитети за мигранти во кои изминатиов период имаше неколку инциденти за кои властите рекоа дека најверојатно биле координирани со акцијата на белоруската граница со Полска на која има најмалку 2.000 мигранти. Активистите за човекови права велат дека мигрантите се фатени во конфликт меѓу двете земји и нивната мака е игнорирана од ЕУ.

 

Бојана Крстевски