Кери и Лавров без договор за Украина
Двете светски сили имаат дијаметрално спротивни ставови за иднината на Украина – унитарна држава според Вашингтон и федерална и неутрална држава според Москва...

На одделни прес конференции по средбата во Париз, шефовите на дипломатиите на Русија и на САД, Лавров и Кери, изразија суштинско несогласување во врска со украинската криза. Сепак дијалогот продолжува.
„Изразивме различни ставови во врска со кризата, но се согласивме дека треба да бараме заеднички точки за дипломатско решение“, вели Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
„Му објаснив на министерот Лавров дека за САД руската акција останува незаконска и се уште веруваме дека Русија е на погрешната страна на историјата“, рече Џон Кери, државен секретар на САД.
Двете светски сили имаат дијаметрално спротивни ставови за иднината на Украина – унитарна држава според Вашингтон и федерална и неутрална држава според Москва.
„Рамката е сите региони и политички сили на Украина да имаат еднаков глас и да се согласат кои конкретни политички, економски, финансиски, социјални и верски традиции ќе се почитуваат во различни делови од земјата“, изјави Сергеј Лавров.
„САД и меѓународната заедница цврсто ги поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, рече Кери.
Лавров, кој повторно предупреди на опасноста од украинските ултранационалисти за русофоните, тврди дека Русија нема планови за инвазија. Лондонски Индепендент цитира изјава на Андреј Иларионов, поранешниот советник на рускиот претсетател Путин, според кој Кремљ нема да запре додека не ги освои Белорусија, Балтикот и Финска.Вашингтон бара да се повлече руската војска од источната украинска граница,Москва игнорира.
Ивана Салтировска
