Пандемија

Нов бран на Ковид-19, невакцинираните да се вакцинираат

10.11.2021 15:04

Во земјава почеток на нов бран на коронавирусот. Се зголемува бројот на заболени. За само 10 дена има нови 1.300 активни случаи. Иако, има зголемување на заболените, анализите покажале дека бројот на хоспитализирани е намален во споредба со претходните ковид-бранови, вели министерот Филипче. Загрижува стагнирањето на вакцинацијата...

Во пораст се бројот на заболени и R0 факторот на преносливост, а зголемена е и инциденцата последниве две недели, вели министерот за здравство Венко Филипче. Состојбата е за очекување ако се земе предвид она што се случува во соседните земји, каде има со илјадници новозаболени. Но, бројот на хоспитализирани се намалува посочува Филипче, пред сѐ како резултат на вакцинацијата, како единствен метод за превенција од тешки форми на болеста, хоспитализација и од смрт.

5.000 деца примиле вакцина. Во Козле се хоспитализирани 23 деца, а две од нив се на кислородна поддршка, но не се во критична состојба, вели министерот. Скринигот на училиштата покажал дека 15 деца биле позитивни, но министерот повика да се почитуваат и натаму протоколите.

Вакцините за сезонски грип граѓаните ќе може да ги примат во центрите за јавно здравје и онаму каде нема вакцинација за ковид. И двете ќе можат да ги примат во исто време, додаде Филипче.

За антиковид лекот за кој се завршени испитувањата, се подготвуваат за набавка откако ќе помине и во европската агенција, но не и за оној од „Фајзер“ бидејќи за него не е зарвшено испитувањето.

Според Филипче, не се потребни нови ковид мерки, а Комисијата ќе одлучува в петок.

 

Фиљана Кока