Посета

Руте со поддршка за „Отворен Балкан“ и старт на преговорите со ЕУ

10.11.2021 19:06

По средбата, констатација на двајцата шефови на влади - во декември има клучен прозорец во однос на политиката за интеграција на Западен Балкан кон Европската унија.

Холандскиот премиер, Марк Руте стана првиот холандски премиер што ја посетил земјава. Тој попладнево допатува во Скопје на средба со македонскиот колега Заев. По средбата, констатација на двајцата шефови на влади - во декември има клучен прозорец во однос на политиката за интеграција на Западен Балкан кон Европската унија.

Процесот нема да биде кредибилен доколку не бидат прифатени утврдениот напредок во досието на Северна Македонија и Албанија во октомврискиот извештај на Европската комисија, заедно со уште еднаш повторената препорака дека двете земји ги исполнуваат условите да ги отпочнат преговорите со ЕУ.

Заев го изразил задоволството од интензивираниот политички дијалог на високо ниво и посочил дека владата силно ги цени холандската поддршка за процесот на интеграција во ЕУ, но и доследната холандска поддршка во градењето на земјава како европска демократија, слободно општество и слободна пазарна економија.

Руте, пак, како што информираат од Владата, ја изразил поддршката за процесот „Отворен Балкан“, укажувајќи дека иницијативата треба да остане отворена и за другите држави во регионот.

Во агендата на Руте, разговори со претставници на младите од граѓанското општество и работна вечера со претседателот Стево Пендаровски.

Холандија важи за принципиелен поддржувач на процесот на проширување на ЕУ, но инсистира на строго и доследно спроведување на реформите, особено во делот на владеење на правото и борба против корупцијата и организираниот криминал.