Расте бројот на нови случаи со Ковид-19, апел невакцинираните да се вакцинираат
До крајот на оваа недела или најдоцна на почетокот на следната недела ќе заврши постапката за секвенционирање на вирусот за да видиме каква мутација е сега доминантна, соопшти вчера министерот за здравство Филипче.

Процентот на новодијагностицирани случаи во минатата во однос на претходната недела е зголемен за 25 проценти. Расте и Р0 факторот на преносливост од 1,05 на 1,14, што, според надлежните, е јасен индикатор дека сега ќе има промена на релативно стабилната епидемиолошка состојба што ја имавме во претходниот период.
Во однос на инциденцата на ниво на целата држава, последните две недели во однос на претходните 14 дена е зголемена за 28,5 проценти во 35 градови, а во други седум е непроменета или има одредено намалување. Ваквиот раст е очекуван, имајќи предвид што се случува во земјите од регионот каде има огромен број новодијагностицирани и силен притисок кон болниците во смисла на зголемена потреба за хоспитализација.
До крајот на оваа недела или најдоцна на почетокот на следната недела ќе заврши постапката за секвенционирање на вирусот за да видиме каква мутација е сега доминантна, соопшти вчера министерот за здравство Филипче.
И бројот на пациенти кои се хоспитализирани минатата недела во однос на претходната недела бележи раст за 15 проценти. Апел од надлежните, невакцинираните да се вакцинираат, бидејќи вакцината е единствен излез од пандемијата.
Досега во државата се аплицирани над 1,6 милиони дози вакцини, прва доза примиле 810.000 граѓани, околу 8.000 се пријавиле дека се вакцинирале во странство, ревакцинирани се над 780.000 граѓани, а трета доза примиле 46.000 граѓани.
Во претходното деноноќие од 3.597 тестирања беа регистрирани 656 нови случаи на Ковид-19. Оздравеа 273 пациенти, а починаа 13 лица на возраст од 65 до 86 години.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 207.566, бројот на оздравени пациенти е 191.922, на починати е 7.276, а бројот на активни случаи изнесува 8.368. Речиси половина од активните случаи се од Скопје.
