Обединети нации

Советот за безбедност расправа за кризата меѓу Полска и Белорусија

11.11.2021 13:25

Седница на Советот за безбедност на Обединетите нации за кризата меѓу Полска и Белорусија. Европската унија најави проширување на санкциите за Минск, кого го обвинува за напливот мигранти на источните граници на блокот. Германија бара рускиот претседател Путин да го искористи своето влијание врз Минск за да се спречи натамошна ексалација на кризата...

Седница на Советот за безбедност на Обединетите Нации за новата мигрантска криза во Европа. Полските власти претходно приведоа десетици лица кои насилно се обидоа да ја преминат источната граница со Белорусија. Состојбата ескалираше кога Полска и Литванија прогласија вонредна состојба. Според Варшава, овој т.н. „тест на интегритетот на границите“ за последен пат бил виден во ерата на комунизмот во Источна Европа. ЕУ го обвини Минск за организирање на карваните и најави проширување на санкциите.

„Прво, белоруската влада треба да ни потврди дека организациите за хуманитарна помош можат да стигнат до овие луѓе за да избегнеме вакви слики кои може да провоцираат голем проблем меѓу нас.  Второ, треба да се отворат хуманитарен коридор за оние што се враќаат. Не можат да одат преку граница на ЕУ со сила, но не можат ни да останат овде засекогаш. Им треба хуманитарна помош. Им треба излез од ситуацијата во која ги ставија Белорусите“, изајави Џозеп Борел, висок претставник на европската дипломатија.

Во меѓувреме, руски авиони почнаа со набљудувачка патрола над белоруската граница. Москва го потсети Брисел дека и ЕУ порано им помагала на бегалците.

„Ни се заканува хуманитарна катастрофа. Зборуваме за животот и здравјето на илјадници луѓе кои се бегалци, кои отворено кажуваат дека сакаат да одат кон ЕУ, не сакаат да останат во Полска. Паметиме неколку случаи кога бегалците добиваа право да влезат и да останат на територијата на ЕУ. Во овој момент нема опасност за руската безбедност“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Претходно, германската канцеларка Ангела Меркел во телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин побара да го искористи своето влијание врз неговиот белоруски колега Александар Лукашенко. Соработката меѓу двете поранешни советски земји беше интензивирана во последните месеци, а Путин вети дека ќе го поддржи Лукашенко против странското мешање.

 

Маја С. Филдишев