Арсовска: Нема да се прави БРТ, ќе има бесплатен јавен превоз и 250 нови автобуси
Новоизбраната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, затекнала јавни претпријатија кои биле лошо менаџирани и се во финансиска загуба, меѓу нив и ЈСП. Најави дека нема да го спроведе проектот за брз рапит транзит, а ќе го реализира ветувањето за бесплатен јавен превоз. Меѓу нејзините први одлуки е и раскинување на договорот за новогодишно украсување на Скопје вредно 240.000 евра. Вели, градот нема да биде тажен за Нова година, ќе најдеме начин скромно да ги прославиме празниците...

Департизација на Градот Скопје, во функција на квалитет и на граѓаните, ова ќе биде главна заложба на новата градоначалничката Арсовска која на брифинг со новинарите ги откри идните планови. Вели, во првите 82 дена приоритет е чистењето на градот од депониите, а на дел од нив ќе никнат паркови.
За ветувањето за воведување на бесплатен јавен превоз Арсовска рече дека тоа ќе го реализира, но сѐ уште не открива како. Потврди дека поради лошото менаџирање ЈСП со години се соочува со финансиски загуби, но според неа ова не е единствено јавно претпријатие кое има проблеми.
Прашана што ќе се случи со проектот на нејзиниот претходник Шилегов за воведување на брз рапид транспорт за кој веќе е земен заем од ЕБОР вреден 70 милиони евра, Арсовска кажа дека тоа нема да се прави, бидејќи тој проект не е нејзино ветување. Најави дека ќе се состане со експертите, а за следните чекори ќе ја информира јавноста.
„Во ниеден случај нема да се прави БРТ превозот. Во кампањата кажав дека ќе најдеме начин како да го менаџираме целиот процес. Она кое скопјани го избраа е концептот кој не вели брз рапид транзит превоз, туку брз бесплатен автобуски превоз со 250 нови автобуси“, изјави Арсовска.
Арсовска рече дека ќе бара отчет и за тоа каде се потрошени над 12 милиони евра од продажбата на градската куќа. Прва одлука во нејзинот мандат беше за раскинување на договорот за новогодишното украсување на Скопје вреден 240.000 евра, а градот како што рече ќе биде накитен, но нема да ги чини скопјани толку скапо.
На крај, Арсовска посочи дека ќе ги заврши дел од проектите на нејзиниот претходник кој се отпочнати и кој се во интерес на скопјани, седниците на советот најави дека ќе бидат јавни, а носењето на генералниот урбанистички план ќе биде отворен за јавноста и ќе бидат вклучени експертите.
Викторија Милевска
