Економија

Отворена четвртата конференција за е-трговија во Македонија

12.11.2021 11:13

Продолжува растот на бројот и вредноста на онлајн трансакциите, како и бројот на нови е-продавници во земјава...

Под мотото „Ready, Set, Grow“, започна Четвртата годишна конференција за е-трговија. Присуствуваат речиси 500 учесници, а свое излагање ќе имаат 28 еминентни говорници од земјата и странство.

Дигитализацијата и дигиталната нација, безбедните и иновативни е-плаќања, влијанието на Ковид-19 врз е-трговијата, новите трендови во дигиталниот маркетинг, како и улогата на жените во дигиталниот свет и е-трговијата ќе бидат главните теми на годинешното издание кои ќе бидат претставени низ тринаесет презентации, еден неформален разговор и три панел сесии.

Конференцијата ја отвори претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска која во својот говор истакна дека по забрзаниот раст предизвикан од пандемијата, предизвикот кој останува е да се задржи овој раст преку понатамошна трансформација кон дигитално и смарт општество и искористување на предностите на дигиталната економија и е-трговијата како интегрален дел од истата.

Во 2020 година растот на вкупните онлајн трансакции изнесуваше 36,5%, соопштуваат од Асоцијацијата за е- трговија. Се забележува значајна промена во структурата на трансакциите во полза на домашните е-трговици, а рстот кон домашните е-трговци во 2020 изнесувал 135%.

Согласно последните податоци на Народната банка, растот кон домашните е-трговци во првото полугодие од 2021 година изнесува 77% што укажува дека се работи за продолжување на трендот на раст. Во првите шест месеци 195 милиони евра се слеале кон домашните е-трговци, од кои 63% од домашни купувачи.

Понудата во е-трговија постојано расте и во првите шест месеци од годинава се отворени над 200 нови е-продавници.